Актуелниот женски ракометен шампион на Македонија, Ѓорче Петров, и вторпат е поразен од шпанскиот Елче во четвртфиналето на Европскиот куп. Ѓорчепетровки вечерва на домашен терен доживеаја поубедлив пораз за разлика од првиот натпревар и беа поразени со 18-37.
Ракометарките на Елче од првиот натпревар имаа предност од 36-21 и со вкупни 73-39 го елиминираа нашиот шампион.
На денешниот натпревар, гостинките уште еднаш покажаа зошто се први фаворитки за трофејот во третото по ранг натпреварување во женска конкуренција и брзо дојдоа во висока предност, која на полувремето изнесуваше 16-10. Во вториот дел и покрај големиот број на измени, шпанките продолжија да го полнат голот на Ѓорче Петров, се до крајот на мечот кој го добија со +19 гола разлика.
Иако се убедливо елиминирани, европскиот настап за ракометарките на Ѓорче Петров може да се отцени како успешен, со оглед на тоа дека успеаја да дојдат помеѓу најдобрите осум екипи во Европскиот куп.