Групната фаза на Европското првенство во фудбал за жени, која заврши во неделата, беше обележана со рекордна посетеност од речиси половина милион навивачи, а 22 од 24 натпревари беа распродадени, објави УЕФА.
Натпреварите ги следеа вкупно 461.582 гледачи, а беа забележани и неколку индивидуални рекорди. Натпреварот меѓу Германија и Данска во Базел привлече 34.165 навивачи, што е рекорд за натпревар од групната фаза без домаќин, како и најголема посетеност за натпревар во женски фудбал некогаш одржан во Швајцарија.
Исто така, повеќе од 17.000 германски навивачи на тој натпревар претставуваа најголем број гостински навивачи некогаш присутни на еден натпревар од Европското првенство за жени. Натпреварот помеѓу Швајцарија и Норвешка го гледаа 34.063 гледачи, што е рекорд за натпреварот на женската репрезентација на Швајцарија.
„Ако порано не беше јасно, сега е неоспорно – женскиот фудбал е незапирлив и ќе остане тука. Ова е повеќе од турнир; тоа е движење, а одзивот од цела Европа и пошироко докажува дека женскиот фудбал не е тука само за да остане – тој поставува нов стандард“, изјави Надин Кеслер, раководител на одделот за женски фудбал на УЕФА.
Уште пред почетокот на првенството ЕВРО 2025, продадени се повеќе од 600.000 билети, со што е надминат рекордот поставен на претходното првенство во 2022 година, кога беа продадени 574.875 билети.
Турнирот беше голем успех и на дигиталните платформи. На социјалните мрежи се регистрирани 8,4 милиони ангажмани, што е за 55 проценти повеќе во споредба со истиот период во 2022 година.
Шпанската и англиската репрезентација постигнаа по 14 гола во групната фаза, со што го израмнија рекордот на Англија од 2022 година. Велшанката Џес Фишлок стана најстариот стрелец на Европското првенство со 38 години и 176 дена.
Четвртфиналето започнува во среда, во Женева, каде што Норвешка ќе игра против Италија.