Борац од Бања Лука го постигна најголемиот успех во клупската историја со пласманот во осминафиналето од Конференциската лига откако одигра 0-0 на гостувањето кај Олимпија Љубљана и успеа да ја сочува предноста од 1-0 од првиот меч.
Сепак, во самиот финиш од натпреварот, односно во 85-тата минута, се случи голем инцидент на трибините, кога дојде до физичка пресметка на двете навивачки групи. Домашните фанови со пиротехника ги нападнаа гостите од Бања Лука, а овие успеаја да го минат кордонот и да тргнат кон нив да се пресметаат. Мечот беше во прекин, па затоа на крајот се играа дури 20 минути судиско продолжение.