Реал и Атлетико одиграа 1-1 во жестоката мадридска пресметка на „Сантијаго Бернабеу“. Ова се чини дека е најповолен резултат за Барселона, која може утре да ја намали негативата во однос на овие два ривали.
И ова дерби изобилуваше со тензија и многу емоции, а страстите дополнително се „запалија“ во 35-та минута.
Чуамени го згазна Лино, во прв момент немаше судиски свиреж, но следеше реакција од ВАР собата и главниот судија покажа на белата точка.
Хулијан Алварез со „паненка“ го надмудри Тибо Куртоа и донесе водство за Атлетико.
Реал нападна со сите сили на почетокот на вториот дел и тоа им се исплатеше на Кралевите. Во 50-та минута, Килијан Мбапе успеа да постигне погодок и го израмни резултатот.
До крајот, Реал Мадрид отворено бараше победа, а Атлетико Мадрид преку контранапади бараше шанса за втор гол, но ремито (1-1) е крајниот епилог на овој дуел.