Македонскиот женски фудбалски првак Љуботен денеска во Скопје на стадионот „Петар Милошевски“ од 17 часот ќе игра меч на кој треба да победи за да оди во следната фаза од квалификациите за настап во Лига на шампиони.
Тетовскиот тим кој е доминантен во женскиот фудбал, во средата славеше со 4:1 над Рунавик од Фарски острови и се пласираше во финалето на првиот круг од квалификациите, каде за противник го има тимот на Пјуник од Ерменија.
Откако постои овој формат за натпреварување во женскиот фудбал, македонски преставник прв пат ќе игра во финале и се бори за прво поминување во следната фаза.
„Првата цел ја остваривме. Победивме против НСИ Рунавик и обезбедивме пласман во финалето од турнирот, но како што најавив и пред почетокот на турнирот, ние сакаме да го освоиме првото место, да испишеме историја не само за нашиот клуб, туку и воопшто за македонскиот женски фудбал. Противникот е анализиран, екипата е подготвена да го даде максимумот. Фудбалерките имаат премија од 20.000 евра за освојување на првото место, што е најголемиот износ воопшто во историјата на женскиот фудбал кај нас“, вели претседателот на Љуботен, Драгољуб Јовановски.
Хендикеп за Љуботен ќе биде неиграњето на Улза Максути, која е една од носителките во играта на македонскиот првак. Максути постигна еден гол во полуфиналето против Рунавик, но потоа поради повреда мораше предвреме да го напушти теренот. По направените лекарски прегледи, констатирано е дека Максути има пукнатина на зглобот на ногата и сега и следи подолга пауза.
Доколку Љуботен успее да слави против Пјуник, тоа ќе биде историски успех за македонскиот женски фудбал. Со евентуалното освојување на првото место, Љуботен ќе обезбеди место во втората фаза од натпреварувањето. Тој турнир ќе се игра во Белгија, а прв противник на Љуботен ќе им биде Розенгард од Шведска.
Сепак, за да се стигне до турнирот во Белгија, потребно е македонскиот шампион денеска од 17 часот да го победи Пјуник.