Жикица Тасевски е професор за фудбал, им беше ривал на Радомир Антиќ и Алесио Такинарди, сега ќе се обиде да помогне со хуманитарен тикет

Жикица Тасевски е познат фудбалски лик во македонскиот фудбал и еден од нашите најдобри тренери во моментов, но и за титула Професор по фудбал со катедра на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје.

Има богата колекција на титули и многу интересни приказни од различни континенти, каде што работеше како тренер, а како гостин на Спорт Манија ќе се обиде со хуманитарен тикет во вредност од 84 илјади денари да помогне на категоријата социјално загрозени луѓе во Македонија.

ВО БИТКАТА ЗА ВУХАН, ТАКИНАРДИ ГО ПОБЕДИ ЗА ВЛАКНО, ОСТАНАА УБАВИТЕ СПОМЕНИ ОД ДУЕЛИТЕ И ПРИЈАТЕЛСТВОТО СО РАДОМИР АНТИЌ

Пред неколку години за влакно не се пресели во Вухан, местото каде што букна пандемијата со корона-вирусот. Сопствениците на клубот бираа меѓу него и Алесио Такинарди и познатиот италијански играч и поранешен репрезентативец на Аѕурите беше одбран за нов тренер на локалниот клуб.

Од Кина, каде што беше тренер на второлигашот Хунан Билоус, му останаа убави спомени од дуелите и пријателството со една од најголемите тренерски легенди, Радомир Антиќ.

„Господин човек и огромна тренерска легенда во фудбалот. Беше тренер на Хубеи, тогаш второлигаш, и бевме противници.

По секој меч задолжително ќе ме поканеше на вечера и со радост прифаќав. Мудар човек, со фантастично фудбалско искуство и работен век. Ме растажи веста дека почина и фудбалот загуби многу со неговото заминување“, ја почнува приказната Тасевски.

Во Кина беше тренер на Хунан Билоус две години и има интересни приказни. Најблиското гостување на меч со клубот од 8-милионскиот град Џангша е 1.500 километри, а патувањата како што вели се незаборавни од земјата со најмногу жители на свет.

„Џангша е град со 8 милиони жители, а Кина е земја со невидено богатство, историја, минато и убава перспектива. Патувањата на гостувањата иако изгледаат далечни, а најблискиот ривал ни беше на оддалеченост од 1.500 километри се незаборавни со брзите кинески возови. На почеток имав проблеми да се прилагодам на друг континент, во земја со посебни традиции, стил на живот и особено на храната. Ослабев 14 килограми, но се навикнав потоа, иако секогаш ми недостасуваше македонската храна“, вели популарниот Жичо.

Професорот за фудбал на популарниот ДИФ е и член на комисијата за фудбалска едукација и тренерски лиценци во Фудбалската федерација на Македонија заедно со колегата од факултетот, Небојша Марковски.

Во играчката кариера настапуваше за Работнички, клуб со којшто има романтична приказна и неколкупати се враќаше како тренер.

Прво како помошник на Ѓоре Јовановски, Драгољуб Беквалац и Ратко Достаниќ беше во најубавата ера на клубот, кога на Градскиот стадион во Скопје гостуваа познатите ѕвезди од калибарот на Николас Анелка, Ел Хаџи Диуф, Кевин Нолан… предводени од легендарниот тренер Сем Алардајс.

„Тоа беа убави времиња и одлични натпревари во еврокуповите со Работнички, особено против премиерлигашот Болтон. Имавме одличен спонзор во Трифун Костовски и играчи од калибарот на Иван Тричковски, Крсте Велкоски, Пејиќ, Милосављевиќ, Пачовски и да не заборавам некого. Несреќно бевме елиминирани во два меча со 2:1, иако игравме одлично и бевме на прагот да елиминираме силен англиски тим. Се сеќавам дека таму на тренинг едвај нè избркаа бидејќи беше проминат терминот. Ни пуштија прскалки за да си одиме. Бевме топ-тим со супер фудбалери и штета е што не го елиминиравме Болтон“, раскажува Тасевски.

КАПИТЕНОТ НА МАКЕДОНИЈА ПРЕКОМАНДУВАН ОД НАПАД ВО ОДБРАНА, ШАНСА ЗА ПРОМОЦИЈА МУ ДАДЕ ТАСЕВСКИ

Тренерската кариера ја почна во Маџари солидарност, тим што играше куп-финале со Башкими, што е најголем успех на клубот. Во кариерата на домашната сцена беше тренер и на Вардар, Силекс, Металург и Македонија Ѓорче Петров, а тој е тренерот што му даде шанса на Стефан Ристовски да се промовира на фудбалската сцена.

Сегашниот капитен дебитираше за Вардар како тинејџер под команда на Тасевски и само по една полусезона замина во Парма.

„Стефан беше член на младинскиот тим, а тогаш немавме решение на позицијата десен бек и одлучив да му дадам шанса. Го гледав на неколку натпревари во младинците на Вардар и тогаш како десно крило ми остави убав впечаток. Го вратив малку поназад како десен бек и мислам дека не погрешив. Често зборуваме сега од оваа перспектива и тој е задоволен и секогаш знае да им се заблагодари на тогашните тренери на Вардар што успешно го промовираа на фудбалската сцена. Се гледаше уште тогаш, пред 12-13 години, дека ќе биде класа фудбалер. Имаше и техника и брзина и дрскост, а е вистински професионалец и ми е мило што успеа во кариерата, со уште неколку младинци кои тогаш добија шанса да играат за Вардар во Првата лига“, вели гостинот на Спорт Манија.

ПЛОВДИВ Е ПОД ОПСАДА ЗА ГОЛЕМОТО ДЕРБИ, НЕМА ДРУЖБА И КАФЕ ШЕМА НИТУ СО ПРИЈАТЕЛИ АКО СТЕ ВО СПРОТИВНИ ТАБОРИ

Во интернационалната кариера како тренер работеше во Бугарија, во Локомотив Пловдив и во Черно Море. Во Локо се запозна со големото дерби против Ботев, а ривалството е огромно, за што раскажува и Тасевски.

„Тогаш за Ботев играше Бобан Грнчаров, а во стручниот штаб беше Мики Шејкеровски, но пред дербито и неколку дена потоа не смее да има дружба, ниту да се напиеме кафе заедно. Кога играат Локомотив и Ботев меѓу себе, во Пловдив е како воена состојба. Нема дружба ако сте од спротивните страни, па макар да се работи и за најблиски роднини. Во другите денови се дружевме, но пред и по дерби е опасно да ве видат заедно навивачите на Локо и Ботев“, објаснува Тасевски.

Омилени клубови му се Јувентус и Ливерпул, а за крај на приказната за Спорт Манија го спомна и неизбежниот Љубисав Иванов Ѕинго, кој исто како и Антиќ почина неодамна.

„Ме сакаше како син, а беше неверојатен љубител на фудбалот. Само една приказна дека не присуствуваше на матурската прослава на една од внуките за да го гледа Силекс мислам дека е доволна илустрација колку го сакаше фудбалот, за којшто во Македонија стори многу“, заврши Тасевски.

 

 

- Оглас -

Најнови вести