Давид Жинола беше главната „фаца“ на ревијалниот спектакл на новиот стадион на Тотенхем, а доби стоечки овации од публиката кога влезе во игра за домашниот тим составен од легенди на клубот против легендите на Интер.
Жинола одигра дваесеттина минути на сопствено инсистирање, откако пред три години доживеа тежок срцев удар. Беше клинички мртов цели 8 минути, пред интервенцијата на медицинскиот тим, кој го спаси во последен миг со помош на дефибрилатор.
Потоа му беше вграден четиристепен преместувач на срцето за да може да живее нормално, но фудбалот беше забранета работа за Жинола. Сепак не можеше да одолее на предизвикот и вчера истрча на терен на генералната проба при отварањето на новиот стадион на Тотенхем.
„Сам ми се јави и ми рече дека мора да дојде и да игра. Вети дека ќе настапи 10 минути, но играше 20. Тоа е недисциплина и ќе мора да го казнам“, се пошегува Гери Мабат, исто така голема легенда на Тотенхем, вчера во улога на тренер на домашните легенди.
Премиерата на првиот тим на Тотенхем на новиот стадион ќе биде на трети април против Кристал Палас. Вчера легендите на Интер беа подобри за еден гол и победија со 5:4.