Чудо од Жиру: Го одигра мечот на кариерата и постави нови рекорди во ЛШ

Оливие Жиру цел живот ќе го памти гостувањето кај Севилја затоа што одигра феноменален натпревар. Францускиот репрезентативец ги даде сите четири голови во победата од 4:0 против тимот кој е актуелен освојувач во Лигата на Европа.

Севилја ретко кога губи на домашен терен, но овојпат немаше „лек“ за расположениот Жиру. Францускиот репрезентативец прво погоди во осмата минута, а во вториот дел прецизно стрелаше во 54-тата, 74-тата и 83-тата минута.

Со овие четири погодоци, Жиру стана најстариот играч кој дал четири гола на еден меч во Лигата на шампионите. Тој има 34 години и 63 дена.

Французинот е и првиот играч што во дресот на Челзи има постигнато четири гола во натпревар од европски рамки. Последен пат четири гола на еден меч воопшто за лондонскиот тим има дадено сегашниот тренер Франк Лампард, и тоа во првенството против Астон вила во март 2010 година.

 

- Оглас -

Најнови вести