Женската репрезентација на Англија направи историски успех откако за прв пат стигна до европската титула. Во финалето на „Вембли“, Англија со 2:1 дури по 120 минути игра, ја победи Германија.
Ова финале ќе биде запишано вo историјата како најпосетено финале без разлика дaли се работи за машко или женско финале на ЕП. Честа да ја дели правдата во еден вака историски меч ја имаше Катерина Монзул од Украина.
Искусната 41-годишна судијка пред само неколку месеци преживеа животна драма, откако мораше да живее во подземни бункери во Харков, кога започната инвазијата на Русија врз Украина.
По неколку дена поминати во страв и живот во бункери под земја, Монзул со автомобил преку Молдавија, Унгарија, Словачка, Чешка и Германија, успеала да пристигне во Италија за да се засолни.
„Живеевме под земја. Беше страшно и тешко кога ја напуштивме Украина. Немавме никаков план што ќе биде нашиот следен чекор“, раскажува Монзул.
Дека се работи за многу искусна судијка говори и фактот дека таа е првата жена која судела на машката репрезентација на Англија, а често била главна на дуелите од украинското првенство.