Колстад славеше над Елверум со 31-28 во третиот финален натпревар од норвешкиот плејоф и се закити со титулата, но победата беше засенета од шокантна сцена на клупата.
Тренерот на Колстад, Кристијан Берге, колабира пред крајот на натпреварот, што предизвика паника на теренот. Играчите со бели чаршафи го заградија просторот додека медицинскиот тим се бореше за неговиот живот. Според норвешките медиуми, врз Берге била извршена дефибрилација, по што тој бил успешно реанимиран и префрлен во болница, каде што моментално е во стабилна состојба.
Берге подоцна даде кратка изјава за норвешката „ТВ2“, во која откри дека и претходно имал проблеми со срцето, но верувал дека ги држи под контрола.
„Сега разбирам колку е сериозно ова. Ракометот во моментов изгледа толку неважно…“, рече Берге.
Асистентот на Колстад, Стијан Гомо, исто така се огласи по драматичниот настан.
„Сите мисли ни се со Кристијан. Победата ја славиме со половина срце.“
Во наредните денови ќе следуваат детални лекарски прегледи кои ќе ја утврдат сериозноста на состојбата и дали Берге ќе мора да оди на операција, и што е најважно, дали ќе може да се врати на тренерската клупа.