Португалскиот репрезентативец Жоао Феликс одлучи кариерата да ја продолжи во ПСЖ, објавија весниците „Ас“ и „Дејли мејл“.
Откако не успеа да се наметна минатата сезона во Челзи, каде што играше како позајмен играч, Португалецот се врати во Атлетико Мадрид, но ја загуби „седумката“, по што одлучи да си замине и овојпат тоа ќе биде француската Лига 1 и шампионот ПСЖ.
„ПСЖ и тренерот Луис Енрике го сакаат Феликс во тимот. Тој е воодушевен од можноста да игра на „Паркот на принцевите“ и да биде трениран од Луис Енрике, пишува шпански „Ас“.
Сега останува двата тима да се договорат, но медиумите најавуваат дека нема лесно да течат преговорите. Атлетико Мадрид сака да го продаде Фелис, за кого на Бенфика ѝ плати 126 милиони евра отштета, додека на челниците на ПСЖ не им паѓа на памет да платат толкава сума пари. Можно решение може да биде едногодишна позајмица со задолжителен откуп на договорот идното лето.