По доаѓањето на Жозе Мурињо во Тотенхем, постепено клубот се враќа на вистински пат и не само кога станува збор за резултатите. Влијанието на Португалецот се почувствува веднаш, па така вчера беше решен еден голем проблем.
Дефанзивецот Тоби Алдервејрелд стави потпис на нов договор според кој ќе остане во Лондон до 2023 година. Белгиецот ќе беше слободен играч по крајот на сезоната да не се случеше оваа соработка, но сега останаа уште две ѕвезди кои треба да го сторат истото, а веќе извесно време се решени да ги напуштат Петлите.
Мурињо ги советува Кристијан Ериксен и Јан Вертонген да го следат примерот на нивниот соиграч, па и тие да останат верни на актуелниот европски вицепрвак. И на двајцата им истекуваат договорите во јуни.
„Вчера беа тројца клучни играчи пред заминување, а денес се двајца. Не знам што ќе се случи до крајот на сезоната, таа бројка може да остане иста, или пак да замине само еден играч, односно да останат и Ериксен и Вертонген. Ако се земе во предвид транзицијата која ја направи овој клуб во изминативе неколку години, мислам дека и двајцата треба да останат и да бидат дел од овој проект кој уште е во развој“, истакна Мурињо.