Македонскиот фудбал доживеа нов европски дебакл и три од четирите екипи се веќе елиминирани уште на загревањето за европските искушенија. За да биде билансот катастрофален, испадна и шампионот Шкендија од полуаматерите од Естонија, но благодарение на гратис шансата од УЕФА, тетовци остануваат во игра за пласман во Лигата на Европа.
Како играа против Номе Калју, веројатно ќе им треба сензација на векот за да бидат дел од фазата по групи во второто по квалитет европско клупско натпреварување.
Ефектот во Европа нѝ е како популарниот „Журнал“ во кината во некои дамнешни времиња. Ви го пуштаат 5 до 10 минути пред главниот филм, колку само да се загреете за претставата за која сте платиле и која со нетрпение чекате да почне.
Најчесто тоа беше здодевна секвенца од успесите на еден поранешен систем, во кој сè уште ни се заглавени и главните фудбалски елементи. Со речиси истата инфраструктура, со еден стадион, со исти фудбалски навики, најчесто лузерски и со малку сменети навивачки навики, како и речиси сè во Македонија, на полошо.
И оваа куса европска авантура потврди дека немаме штоф за успеси во најважната споредна работа на светот. Почна со калкулациите на Шкендија дека сега е вистинскиот момент за пласман во Лигата на шампионите. Есап се правеше за успех во Европа, сонот беше да се доживее луксузот на Лигата на шампионите, но за чудо во исто време се калкулираше и со продажбата на најдобриот млад играч на домашната сцена Висар Муслиу. Се помешаа плусот и минусот и тетовци ги здрма струја од Естонија. Со гол примен во последните моменти, Номе Калју приреди подвиг и оди понатаму.
Во Европа не можете да се дружите со елитата ако истовремено ковате планови за продажба на најдобрите играчи. Како потврда за аматерскиот однос на челниците на шампионот е и задоцнетиот ангажман на Хуан Фелипе. Главната ѕвезда на преодниот рок кај нас не го ни помириса теренот на двата меча со Номе Калју. Веројатно го чуваа за следната фаза, што нема да ја има, барем не во квалификациите за Лигата на шампионите.
Фијаското го продолжија Македонија Ѓорче Петров и Академија Пандев, со по шест примени голови на двата двомечи со скромните Алашкерт и Зрињски. Екипи кои имаат многу тенко европско педигре, но испаднаа велесили за нашиот несреќен фудбалски двоец. Од фудбал, ни останаа само храбрите и здодевни изјави дека одиме на победи, дека сме подобри, но не сме имале среќа.
И така во круг цели 3 децении, со исклучок на успехот на Вардар пред две години. Но, народната вели исклучокот го потврдува правилото, а наш фудбалски бекраунд се само неуспесите. Но, добро, по секоја елиминација уште на загревањето во Европа, односно за време на „Журналот“, без исклучок има и оптимизам дека следната сезона ќе биде подобро.
За да не ни биде здодевно, во овој циркус, пардон циклус се погрижија навивачите на Шкупи. Со шишиња, тврди предмети и сè што им се најде по џебовите ги гаѓаа фудбалерите на Пјуник по апсолутно заслужената победа на ерменскиот состав на реваншот во Скопје. Сигурно им прекипе Пјуник да ги елиминира сите наши екипи на кои наиде на европскиот пат. Ај што ги „тепаа“ Победа, Тетекс и Вардар и минаа неказнето, време беше да ги истепаме барем со камења, кога веќе на терен сме немоќни да го сопреме великанот на европскиот фудбал од Ерменија. Екипа што никогаш не играла во фаза по групи во ЛШ и ЛЕ, а нам во Македонија ни е позната по тоа што си игра мајтап со нашите големи европски соништа за дружба со великаните на континенталниот клупски фудбал.
И за крај на целиот галиматијас, како што вели Умит Каран: Ќе биде подобро следната сезона. Имаме млад тим. И да парафразирам: Ќе газиме одлично во домашното првенство.
Таму ќе игра најтрофејниот и најсиромашен клуб во моментов, Вардар, кој не доби лиценца за Европа и има забрана за трансфери, тука е и Шкендија, која пак ќе биде моќна, но само во нашата смешна Прва лига, каде што се добива гратис билет за Европа, иако со позицијата на табелата тоа не го заслужувате. И пак ќе се игра со цела дузина странци тотални анонимуси, најчесто дојдени од ливадите од околните земји, исклучиво со багаж од 30+ години. На еден вистински стадион во државата, со вечна битка за богатата претседателска фотелја во ФФМ, со веќе стандардното плачење по судиите и со публика што ја има помалку од таа на маалските терени од времето на „Журналот“.