Рамона Зибенхофер со првата победа на трка од Светскиот куп во кариерата го засени враќањето на славната Американка Линдзи Вон на скијачките патеки.
На патеката во италијанскиот скијачки центар „Кортина д`Ампецо“, Австријката иако имаше релативно висок стартен број, 17, сепак скијаше одлично и ја изненади конкуренцијата, најмногу Словенката Илка Штухец, која имаше стартен број 1 и долго време беше во водство.
Зибенхофер, која има 27 години, досега имаше две трети места во кариерата на спуст-трки, никогаш не била втора, а овојпат успеа да победи по прв пат. Второто место го освои Штухец со 40 стотинки заостанување, а трета е Стефани Вениер од Австрија, со 46 стотинки послабо време од победничката.
Вон, која се врати по неколкумесечна пауза, го делеше 15-тото место, со заостанување од 1,19 секунди. Се виде дека не е во натпреварувачки ритам, но утре на истото место во истата дисциплина има шанса за поправен.