Ѕид ѕидосан, вар варосан, нема ѕирка, ни проѕирка е старата македонска гатанка за јајце. И веднаш ми текна компарација со ВАР-системот по многу проблематичните ситуации на натпреварите меѓу Манчестер јунајтед и Евертон и на дуелот меѓу Атлетико Мадрид и Осасуна.
Во првиот случај апла беа оштетени Црвените ѓаволи, а во вториот Осасуна со право бараше пенал, што не го доби по консултациите со судиите во ВАР-собата.
И не дека не се бунат, грмат и Манчестер јунајтед и Осасуна, но барем нема инцидентни ситуации. Жалби, поплаки, по некој мејл и објава на социјалните мрежи и одиме понатаму.
Но, веднаш ми падна на мисла што ќе беше во вакви случаи во македонскиот фудбал. Да имавме ваков англиски или шпански ВАР, што гледа, ама не догледува.
Инцидентот е загарантиран, а ако се случи за Велигден, ќе играат и јајцата по стаклата на ВАР-собата. Затоа да не брзаме со воведување ВАР во Македонија. Не дека немаме услови за модерната технологија на нашите фудбалски ливади, туку мудро да почекаме да излезат на виделина сите мани на системот, па потоа и ние да го воведеме. Што си е сигурно, сигурно си е. Да не ги тегнеме судиите за уши сосе каблите и телевизорите во ВАР-собата.
Луксузот е досаден, дајте малку егзотика
Убаво беше во минатите години да се гледаат Порто, Бенфика, Шахтар, Базел, Розенборг и, пред сè, Ајакс како претставници од Лигите што не се во топ-5 во Европа, а играа во нокаут-фазата во Лигата на шампионите. Имаше егзотика во луксузот што го претставува најважното клупско натпреварување на светот.
За жал, филмот заврши годинава, па во осминафиналето денеска, на ждрепката во Нион ќе бидат само имињата на клубовите од петте најсилни лиги на Стариот Континент, како потврда дека парата врти и кај што бургијата не може.
Затоа некако симпатично и романтично ми изгледа изјавата на Ненад Бјелица, тренерот на Динамо Загреб, кој вели дека никој не сака да мрзне на „Максимир“ со алузија на условите на загрепскиот стадион во споредба со терените и стадионите во топ-5 лигите. И додава дека очигледно било поттурнувањето на дел од екипите од најсилните шампионати кон нокаут-фазата во Лигата на шампионите.
Штета, ќе ги нема „малите“, а дел од нив великани на европскиот фудбал од рангот на поранешните европски прваци Порто, Бенфика, Ајакс, Црвена ѕвезда и ред други многу симпатични екипи кои му носеа посебен шарм на натпреварувањето, очигледно резервирано само за најбогатите.
Еден поглед на листата со шампиони во ребрендираната Лига на шампиони од 1992 година и сè ќе ви стане јасно. Само Порто и Ајакс со шампионски титули во досегашните 28 изданија по овој формат успеаја да го разбијат армираниот ѕид на великаните од топ-5 лигите. Или просто кажано, и 16-та година по ред ќе го славиме шампионот што доаѓа од петте најсилни европски лиги.