Кога е Зинедин Зидан на чело на Реал Мадрид, јасно е дека тоа треба да е добитна комбинација за успех. Со францускиот стратег на чело, Реал има освоено 11 пехари само во 209 одиграни меча. Тоа значи дека со Зидан на клупата, Реал се радува на по еден трофеј на секои 19 меча.
Затоа сите навивачи на Реал треба да бидат среќни по синоќешната изјава на Зидан дека е подготвен да остане и следната сезона и да се бори за нови успеси со мадридскиот гигант.
„Направивме голема работа. Никогаш не е лесно да се биде првак во Шпанија. Ова ми е еден од најубавите моменти во целата кариера. Оваа титула ми е подрага дури и од трофеите во Лигата на шампионите. Секогаш сум му бил благодарен на Флорентино Перес што ме донесе во Реал. Јас сум дел од најдобриот тим во светот. Приказната ќе продолжи. Сите играчи се заслужни за оваа титула“, рече Зидан.
Капитенот на Реал, Серхио Рамос, е восхитен од тоа како Зидан го предводи тимот и вели дека Французинот сè што ќе допре, претвора во злато.
„Веруваме во тоа што го прави Зидан. Сè што ќе допре тој, се претвора во злато. Тој е личноста кој ја прави разликата, личноста која верува во играчите, а малкумина се такви. Се надеваме дека ќе остане да работи во клубот“, рече Рамос, кој со Реал Мадрид се радуваше на петата титула првак на Шпанија.