Зидан е феномен, на секои 19 меча освојува титула со Реал, но има еден кој е подобар од него!

Кој друг, ако не е Зинедин Зидан на клупата на Реал кога Кралскиот клуб во последниве неколку години освојува трофеи. Французинот кој имаше блескава фудбалска кариера, сега е феноменален и како тренер. Зидан е добитна комбинација за доведување нов пехар во витрините на „Сантијаго Бернабеу“.

Во 209 меча како тренер на Реал Мадрид, Зидан синоќа успеа да стигне до 11-тиот пехар. Тоа значи дека Зидан на секои 19 меча како тренер освојува по еден значаен трофеј. Зидан како тренер на Реал има освоено две титули во Примера дивисион, два Суперкупа на Шпанија, три титули во Лигата на шампионите, два Суперкупа на Европа и две светски клупски првенства. Една од овие 11 титули на Реал со Зидан е освоена во Скопје, а тоа е Суперкупот на Европа, кога Кралевите со 2:1 го победија Манчестер јунајтед.

Иако овие постигнувања на Зидан се феноменални, сепак не се најдобри во Шпанија. Пред Зидан е Пеп Гвардиола, кој беше тренер на Барселона. Гвардиола како предводник на каталонскиот гигант освои 14 трофеи на големи натпреварувања во 247 натпревари како тренер на клубот од „Камп ноу“.

Во просек тоа значи дека Гвардиола освојуваше по еден трофеј на секои 18 меча како тренер на Барселона и за малку е подобар од Зидан. Гвардиола со Барселона трипати беше првак на Шпанија, двапати го освои Купот, трипати Суперкупот на Шпанија, двапати Лигата на шампионите, двапати Суперкупот на УЕФА и двапати Светското клупско првенство.

Доколку Зидан го освои Суперкупот на Шпанија, кој се игра пред почетокот на следната сезона, можно е Зидан да го надмине и рекордот на Гвардиола.

- Оглас -

Најнови вести