Претставници на Реал Мадрид оствариле контакт со агентот на ѕвездата на Ливерпул Садио Мане, околу можен зимски трансфер. Сенегалецот е на врвот на листата желби кај Зинедин Зидан, во кого гледа идеален партнер за Бензема и Азар во нападот на Кралевите.
Шпанските медиуми тврдат дека Реал ќе започне мисија да го доведе Мане на „Сантијаго Бернабеу“, но се остава простор овој потенцијален трансфер да се оствари по крајот на оваа сезона, односно во летниот преоден рок.
Мане несомнено е еден од најдобрите играчи на европскиот првак, веќе две сезони игра на врвно ниво и меѓу најопасните играчи во Премиер лигата. Неговиот квалитет ја потврдува наградата за најдобар стрелец во минатата сезона, која ја подели со колегата Салах и Обамејанг од Арсенал со по 22 погодоци во англиското првенство.
Средства за ангажман на Мане Реал ќе собере со продажба на Герет Бејл и Хамес Родригес, се очекува овие двајца уште овој месец да го напуштат Мадрид, додека се бараат потенцијални купувачи. Во меѓувреме е познато дека Ливерпул веќе има изготвено нов договор за одличната „десетка“, но преговорите и натаму траат.