Доскорешниот тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, со нетрпение чека Жозе Мурињо да добие отказ од Манчестер јунајтед за да може да седне на клупата на „Олд Трафорд“. Францускиот стратег потврди дека се подготвува наскоро да се врати на работа бидејќи доволно му било одмор.
„Да. Со сигурност планирам во брзо време да се вратам. Тоа е нешто кое го правам цел живот и нешто што сакам да го работам“, рече Зидан за шпанската телевизија ТВЕ.
Зидан помина две и пол години на клупата на Реал Мадрид и успеа да донесе три европски круни од Лигата на шампионите, покажувајќи дека не само што беше врвен фудбалер, туку е и одличен стратег.
Мурињо во Манчестер има несогласувања со челниците на клубот, кои не му дозволија да ги доведе посакуваните засилувања. Португалскиот стратег констатираше дека сега „црвените ѓаволи“ немаат тим за висок пласман. Токму поради ваквите констатации на Мурињо, доколку се случи да направи неколку кикса по ред, речиси сигурно е дека ќе добие отказ, а на негово место е подготвен да дојде Зидан.