Зидан и Рамос со не многу оптимистички изјави, иако имаат девет победи во низа

Реал Мадрид синоќа славеше на гостувањето кај Гранада и на тој начин ја продолжи перфектната низа по враќањето на фудбалот во екот на корона-вирусот. Кралскиот клуб има девет победи во девет средби и сега е само на еден чекор од освојување на титулата во Примера дивисион.

На две кола до крајот од првенството, Реал има четири бода пред Барселона и доволно е да освои само уште два бода за да стигне до третата титула во последните 10 години, а вкупно 34-та во клупската историја. И покрај тоа што само теоретски треба да стигне до тронот, тренерот на Реал, Зинедин Зидан, не сака никакво опуштање. Францускиот стратег вели дека до крајот има уште шест бода во игра и мора да се биде претпазлив.

„Секако дека многу се израдував по победата над Гранада. Во првото полувреме игравме добро, но потоа во вториот дел потфрливме. Горд сум на сите во екипата, но уште ништо не сме освоиле. Тоа е реалноста, има уште шест бода во игра“, вели Зидан.

Реал може уште в четврток да стигне до титулата, а за да се случи тоа, треба да го победи Вилјареал во Мадрид. Постои опција дури и со пораз Реал да се радува на трофејот, а тоа е ако Барселона не ги освои трите бода против Осасуна. Капитенот на Реал, Серхио Рамос, беше еден од најзаслужните за победата против Гранада, посебно со неговата интервенција пред крајот на средбата, кога успеа да спаси сигурен гол, избивајќи ја топката од гол-линијата. Рамос беше критичен затоа што екипата паднала во ритамот во вториот дел против Гранада.

„Не бевме доволно добри против Гранада. Денеска не може да очекуваш да победиш ако не бидеш константно добар во сите 90 минути. Во првото полувреме победивме, но во второто загубивме. Не смееме да дозволиме да примаме лесни голови. Ќе бидеме многу среќни ако ја освоиме титулата. Пандемијата добро влијаеше на нас, успеавме да се фокусираме и да се вратиме на победите. Се надевам дека во четврток ќе имаме за што да славиме“, вели Рамос.

 

- Оглас -

Најнови вести