Реал Мадрид за само четири дена успеа да победи два многу тешки дуели. Најпрво со 3:1 славеше против Ливерпул во Лигата на шампиони, а синоќа со 2:1 се радуваше и на Ел Класико против Барселона. Со победата над Барселона, Реал Мадрид стигна до 66 бодови, колку што има и лидерот Атлетико Мадрид, додека каталонскиот гигант остана на 65 поени, односно еден помалку од двата мадридски тима.
Тренерот на Реал, Зинедин Зидан е е задоволен од триумфот, но има нешто што го плаши.
„Апсолутно заслужено победивме. Бевме подобри. Тоа што е лошо е дека играчите моментно се на лимитот на физичката издржливост и ќе биде многу тешко до крајот. Имаме проблеми со физичката подготвеност и тешко ги завршуваме мечевите. Немаме сила. До крајот на сезоната ќе ни бидат потребни сите расположливи фудбалери, веќе не смееме да губиме играчи. Не знам како ќе издржиме до крајот“, рече Зидан.
Пред крајот на мечот, во 84 минута, фудбалерите на Барселона протестираа и бараа пенал, но судијата не досуди ништо.
„Ако судијата не покажал на белата точка, значи не било пенал. Ќе ни беше многу полесно да дадевме трет гол, но и вака добро испадна. Среќен сум и заслужено се радуваме“, додаде Зидан по мечот.