Зидан најверојатно ќе извиси за Франција, но затоа може да стане селектор на репрезентацијата која е сон на секој тренер

Легендарниот фудбалер, а потоа и успешен тренер, Зинедин Зидан, повеќе од една година ги одбива понудите од европските екипи чекајќи го повикот од Фудбалската федерација на Франција да стане селектор, но постои голема можност попрво да седне на клупата на репрезентацијата која е сон на секој тренер, таа на Бразил.

Бразилските медиуми први почнаа да пишуваат, а потоа им се приклучија и француските дека Зидан би можело да биде новиот селектор на Бразил и дека челниците на Фудбалската федерација на оваа земја прават сè за да го убедат да го наследи Тите, кој по елиминацијата во четвртфиналето си поднесе оставка.

Наводно, на Зидан му се нуди да потпише четиригодишен договор и да ја води репрезентацијата на идното Светско првенство што во 2026 година ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, а сè дотогаш нема да се бараат резултати од него на Копа Америка.

Засега нема никаков одговор од Зидан на овие пишувања на медиумите во Бразил и Франција бидејќи сè уште се надева дека постои шанса да го наследи Дидие Дешамп на клупата на Триколорите.

Но, шансите за тоа се мали бидејќи самиот Дешамп најави дека може и по Мундијалот во Катар да остане на клупата на Франција.

Зинедин Зидан во тренерската кариера ги водеше само младинскиот и првиот тим на Реал Мадрид, со кого освои сè што можеше да се освои. Зидан со Кралевите трипати триумфира во Лигата на шампионите, двапати во УЕФА Суперкупот, Светското клупско првенство, Суперкупот на Шпанија и во Ла Лига.

- Оглас -

Најнови вести