Реал Мадрид дома киксираше и одигра без голови против Бетис, во меч од 33. коло, па Кралевите останаа на второто место на табелата со 71 бодови, два помалку од лидерот Атлетико Мадрид, кој вечерва игра на гости кај Атлетик Билбао. Иако Реал имаше многу напади, упати дури 17 удари кон голот на гостите, не успеаа ниту еднаш да ја затресат мрежата на Бетис.
Тренерот на Реал, Зинедин Зидан вели дека е разочаран за двата пропуштени бодови, но дека трката за титулата во Примера уште ќе трае.
„Јасно е дека загубивме два бода на овој меч. Игравме добро во одбраната, но се мачевме во нападот. Лошо го почнавме дуелот, нешто ни недостасуваше во нападот. Иако загубивме два бода, не мислам дека трката за титулата е загубена. Мора да продолжиме да се бориме. Иако сме уморни, имаме проблеми со играчите кои ни недостасуваат, првенството не е завршено за нас“, рече Зидан, кој додаде дека во вторник го очекува најважниот меч во сезоната.
В вторник Реал во Мадрид го пречекува Челзи во првиот меч од полуфиналето на Лигата на шампиони.