Зидан откри зошто не сака да работи во Манчестер јунајтед

По заминувањето на Сер Алекс Фергусон од тренерското столче во Манчестер јунајтед, англискиот гигант не успеа да освои ниту една титула во Премиер лигата. Повеќе од една деценија трае постот на Манчестер јунајтед без трофеј во првенството, иако на тренерската позиција се сменија голем број на квалитетни стратези.

Многу шпекулации имаше околу тоа дали Зинедин Зидан ќе дојде да работи на „Олд Трафорд“, а францускиот стратег реши јавно да каже зошто одбива да дојде во таборот на Црвените ѓаволи. Зидан вели дека за да работи во една средина, во еден клуб, мора да бидат исполнети неколку важни услови, меѓу кои е и доброто познавање на јазикот, како би можел перфектно да комуницира и да ја пренесе својата филозофија на тренинзите.

„Јас работам на поинаков начин и има неколку елементи кои треба да бидат исполнети за да дојдам во еден клуб. Еден од тие главни елементи е и познавање на јазикот. Дали би работел во Манчестер јунајтед? Добро го разбирам англискиот јазик, но не го зборувам доволно добро. Знам дека има тренери кои одат во земји во кои не го разбираат јазикот, но јас работам поинаку. Многу елементи треба за да се стигне до победа. Јас точно знам што ми е потребно за да победувам“, рече легендарниот Зидан.

Прославениот Французин во тренерската кариера го водеше само Реал Мадрид и тоа два пати во периодите од јануари 2016 до јуни 2018 и потоа од јуни 2019 до јуни 2021 година. Под негово водство, Кралскиот клуб три пати беше првак на Европа, а освои и по два трофеи во Примера дивисион, Суперкупот на УЕФА, шпанскиот Суперкуп, како и два пехари на Светското клупско првенство на ФИФА.

- Оглас -

Најнови вести