Зидан распали по управата на Реал: Заминувам бидејќи клубот повеќе нема доверба во мене

Зинедин Зидан преку отворено писмо реши да ги обелодени причините околу неговото заминување од Реал Мадрид малку повеќе од две години по враќањето на клупата на Кралевите.

Искрен од почеток до крај, Зидан вели дека почувтствувал дека ја губи довербата од управата и дека воедно е заборавен успехот кој го донесе во минатото, како што беа трите последователни титули во Лигата на шампионите.

„Драги мадридисти. Цели 20 години, уште од првиот ден кога дојдов во Мадрид и го облеков белиот дрес, вие ми дадовте љубов. Секогаш чувствував дека има нешто посебно меѓу нас. Имав чест да играм за овој клуб, но и да го водам, но пред сè, јас сум само уште еден играч на Реал Мадрид. Поради тоа, сакав да го напишам ова писмо за да се простам од вас и да ја објаснам мојата одлука да заминам,“ почнува писмото на Зидан.

„Кога во март 2019 година се согласив да се вратам на клупата по осум месеци пауза, тоа беше по барање на претседателот Флорентино Перес, но и поради ваше барање. Кога и да се сретнев со наш навивач на улица, ја чувствував поддршката и желбата повторно да се вратам во екипата. Ги вреднувам истите работи како и секој мадридиста, а да се биде 20 години дел од овој клуб е сон на секој човек. Му се заблагодарувам на Перес што во 2001 година ме доведе тука, се бореше за мене. Од сè срце велам дека засекогаш ќе му бидам благодарен за тоа“, продолжи популарниот Зизу, па објасни околу заминувањето:

„При оваа разделба сакам да ја објаснам мојата одлука. Работите доста се сменија откако се вратив, заминувам бидејќи чувствувам дека повеќе ја немам поддршката од клубот како што беше на почетокот. Не ми е даден простор да изградам нешто ново, исто така успешно како што беше во претходните години. Знам што бара фудбалот од клуб каков што е Мадрид, знам како одат работите кога не секогаш се победува. Нашиот успех од минатото како да се заборави, а јас барав малку повеќе почит кон тоа. Последните неколку месеци се смени односот меѓу мене и клубот, а добар однос е есенцијален за секоја работа да биде успешна. Денес животот на тренерите во големи клубови важи само две сезони и ништо повеќе. Сега сè се врти околу парите, околу славата. Ме повредуваа медиумите кои редовно ме бркаа од клупата по секој пораз или пак најавуваа мој отказ пред некој натпревар. Со медиумите ќе имав подобар однос доколку од секоја информација не правеа скандал или пак контроверзи. Ним би сакал да им порачам да не заборават дека фудбалот е игра и треба да се негува“, заврши Зидан со последен поздрав до мадридистите.

Останува да се види кој ќе го наследи Зизу. Опции нема многу, Реал се обидува да го наговори Маурисио Покетино, но ПСЖ не сака да го пушти аргентинскиот стратег. Алегри беше прва опција, но тој се врати во Јувентус, па сега Антонио Конте се најде меѓу кандидатите откако Италијанецот го напушти Интер по освојувањето на Скудетото.

Останати опции се клупските легенди како Раул Гонзалес и Чаби Алонсо, кои се тренери во младинските категории на Реал, односно Сосиедад.

- Оглас -

Најнови вести