Фактот што Реал Мадрид во последното коло успеа да избие на чело во групата Б и да обезбеди нокаут-фаза, згаснаа критиките и шпекулациите дека на Зинедин Зидан му дојде крајот во Мадрид.
Популарниот Зизу уште еднаш покажа дека е вистинскиот човек за клупата на најтрофејниот клуб во Лигата на шампионите, но, сепак, посочи дека нема да дочека ера каква што имаше Сер Алекс Фергусон во Манчестер јунајтед, која траеше повеќе од две и пол децении.
„Никогаш нема да бидам тоа што Фергусон беше на Манчестер јунајтед, тоа е сигурно. Но, уживам во секој момент додека сум тука. Не можам да знам колку ќе се задржам на клупата на Реал, но воопшто не ми е незгодно кога тимот не бележи добри резултати. Долго време сум во Шпанија и во Мадрид, но би сакал да работам тука колку што е можно подолго“, истакна Зидан.
Иако беа во незавидна ситуација во пресрет на мечот против Менхенгладбах, Кралевите на крајот излегоа како апсолутни победници бидејќи во нокаут-фазата за можни противници ќе му бидат Порто, Лајпциг, Лацио и Аталанта.