Реал Мадрид за утрешното гостување кај Хетафе ќе смета само на 13 играчи во поле и тројца голмани. Зинедин Зидан има огромни проблеми околу составување на екипа која ќе брка освојување на три бода во дуелот со локалниот ривал. Најголеми се проблемите во одбраната.
Повредени се Менди (денеска се повреди и ќе паузира околу две недели), Карвахал (тренира, но не се ризикува со него) и Лукас Васкес (сезоната е завршена за него) кој често играше и како десен бек, Рамос и Варан имаат коронавирус и може да се појават на некој од следните мечеви, а суспендиран поради пет жолти картони е Начо. Од средниот ред, отсутен е Касемиро кој одлежува суспензија, додека од офанзивците ќе го нема Азар кој тренира и наскоро се добие шанса да игра.
Со оглед на тоа што тројца од четворицата централни дефанзивци не може да играат, во одбраната ќе бидат Чуст кој е повикан од вториот тим на Реал, и Милитао, а бекови ќе бидат Марсело и Одриозола. На клупа ќе нема природни измени за ниту еден од нив. Чуст и Милитао заедно играа само еднаш, кога Реал срамно испадна од Купот на Шпанија од Алкојано.