Еден од најуспешните тренери на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, не штедеше пофални зборови за Ламин Јамал. Тинејџерот кој пред неколку дена наполни 17 години се најде во фокусот на светската јавност по неговите настапи на Европското првенство, на кое Шпанија стигна до златото.
Јамал сруши неколку рекорди на континенталниот собир, беше прогласен за најдобар млад играч, а стана и најмладиот освојувач на златен медал.
„Може да бидете навивач на Реал Мадрид или некој друг клуб, но не може да не се забележи големиот талент на Ламин Јамал. Сите бевме изненадени од тоа како игра. Нема да биде чудно ако ја освои Златната топка, и тоа во многу блиска иднина. Тој е уникатен фудбалер. Јас да сум претседател на Реал Мадрид, ќе се обидев да го доведам во клубот“, рече Зидан за талентот на Јамал.
Популарниот Зизу вели дека Јамал уште сега е комплетен фудбалер.
„На Европското првенство многумина велеа дека тој немал менталитет или зрелост да се соочи со важноста на настанот, но Јамал ги замолкна сите. Тој е шампион и најдобар млад фудбалер на турнирот“, додаде Зидан.
Јамал не е дел од составот на Барселона за турнејата низ Америка бидејќи решено е тинејџерот да добие малку слободен период пред новите големи предизвици во пресрет на новата сезона.