Зидан за киксот на Барса: Не се радувам на поразите на ривалите

Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, на прес-конференцијата пред натпреварот со Осасуна, изјави дека не им се радува на поразите на ривалите, и сеедно му е што Барселона вчера загуби од Гранада и испушти прилика да избие на прво место на табелата во шпанската лига. Навивачите на Реал и тие на Атлетико и Севилја, му се радуваа на киксот на Барса, а Зидан вели дека не се радува на туѓа несреќа.

„Не смееме да мислиме на мечот в среда, мора да се фокусираме на утрешниот. Но, ќе има ротации, некои играчи нема да играат. На терен ќе излеземе со најдобриот можен состав за да освоиме три бода. Ќе биде тесно до самиот крај, сите четири тима имаат шанса за титула. Не се радувам на поразите на ривалите, ме интересира само мојот тим и само нашиот утрешен меч. Поразот на Барселона не менува ништо, продолжуваме да се бориме за трофејот“ – рече Зидан.

Францускиот стручњак потврди дека капитенот Серхио Рамос ќе биде во комбинација за утрешниот дуел со Осасуна и веројатно ќе добие одредена минутажа, смета на Марсело за средбата со Челзи иако Бразилецот треба да биде во Мадрид на избирачко место, а отпишани за утре се Менди и Валверде, но има шанса да се појават в среда во Лондон.

Реал ќе биде првак на Шпанија ако ги добие сите мечеви до крајот на сезонава, и ако Атлетико не добие барем еден. Секое реми или пораз, најверојатно ќе значи крај на надежите на Кралевите за одбрана на титулата.

- Оглас -

Најнови вести