Повредата на Ферланд Менди ги зголеми главоболките на Зинедин Зидан околу составувањето на тимот за претстојните два меча, утре со Осасуна дома и дербито викендов со Атлетико Мадрид на гостински терен.
Менди беше одличен на гостувањето кај Севилја, но има мускулна повреда која ќе го оддалечи од теренот две до три недели. Да биде проблемот поголем, и другиот лев бек Марсело е повреден, па утре, а можеби и против силниот Атлетико, на позицијата лев бек ќе треба да игра Начо или некој од младинскиот тим на Реал.
„Фудбалерите имаат мечеви на секои три дена, немаат време за одмор. Во мое време, игравме по 40 натпревари годишно. Сега играат по 65, ќе се стигне и до бројка од 70. Луѓето критикуваат зошто давам слободни денови, но играчите не се машини, неопходен им е одмор. Мора да бидеме трпеливи и да чекаме повредените да закрепнат“, изјави Зидан.