Малерите за Еден Азар откако дојде во Реал Мадрид, никако да завршат, најновата повреда која ја здоби денеска, ќе го оддалечи еден месец од терените, и тоа значи дека ќе го пропушти утрешниот реванш од осминафиналето на ЛШ против Аталанта, а нема да настапи ниту против Барселона на 11-ти април. Азар уште нема играно на Ел Класико.
Азар нема играно повеќе од три меча по ред за Реал, а додека беше во Челзи, многу ретко се повредуваше. Тренерот на Кралскиот клуб од Мадрид, Зинедин Зидан, нема објаснување за постојаните повреди на Белгиецот.
„Не можам да објаснам. Нешто се случува, тој порано никогаш не беше повреден, а сега постојано му се случува ова. Ги молам навивачите за трпение, сите знаеме каков играч е тој. Сакаме да му помогнеме и се надеваме дека наскоро ќе биде со нас“ – рече Зидан.
Играчот кој Реал го плати 115 милиони евра, сезонава играше само 646 минути. Во минатата сезона, даде само еден гол и истотака одигра малку натпревари.