Еден Азар нема да биде во составот на Реал Мадрид на вечерашниот дуел од Ла Лига против Хетафе, а објаснувањето за неговото отсуство е логично, тренерот Зинедин Зидан не сака да ризикува некоја евентуална повреда на Белгиецот.
Азар игра со прилично добра форма летово, но многу често е мета на противничките играчи и тој е најфаулираниот фудбалер на Реал Мадрид. Затоа, Зидан реши да го поштеди вечерва, особено што противник им е Хетафе, тим со најмногу фаули и најмногу жолти картони сезонава во шпанската лига. Хетафе е рекордер со 604 прекршоци и 110 жолти картони, а имаа и три исклучувања. Затоа Азар нема да игра и ќе го чуваат за наредните искушенија во трката по титулата.
„Еден е фундаментален играч за нас, и противниците го знаат тоа. Се надевам дека немаат намера да го повредат. На Еден не му е лесно што нема да игра“ – изјави Зидан.