Манчестер сити и понуди на Барселона сума од 15 милиони евра за ангажман на Лионел Меси во јануарскиот преоден рок.
Планот на популарните Граѓани е да го доведат аргентинскиот ас веднаш во следниот преоден рок и да не го чекаат идното лето, кога Меси ќе биде слободен играч и ќе може да замине без отштета.
Ова и не е невозможна варијанта, особено по случувањата во Барселона во последно време. Меси беше на прагот да си замине од клубот во кој е од дете, поради недоразбирањата со раководството и особено со претседателот Жозеп Бартомеу.
Во комплетниот хаос дури имаше и закани за суд, а Аргентинецот остана без долгогодишниот соиграч и голем пријател Луис Суарес, кој си замина бесплатно во Атлетико Мадрид.
Потоа Роналд Куман, но пред се и поддршката на навивачите на Барселона и високата отштетна клаузула го задржаа Меси во клубот, но договорот му истекува во јуни 2021 година, па може да си замине идното лето.
Од Манчестер сити реагираа веднаш и за да не остане Барселона без ништо и Меси да си замине без отштета, понудата е тој да дојде порано на „Етихад“, а Каталонците да инкасираат 15 милиони евра.