Одлуката Роберт Левандовски веќе да не биде капитен на полската фудбалска репрезентација и објавата на напаѓачот дека веќе нема да игра за националниот тим додека Михал Пробиеж е селектор, уште го тресат полскиот фудбал и јавноста во таа земја.
Пробиеж даде своја верзија.
„По натпреварот со Молдавија и бројните разговори со играчите и тренерскиот штаб, имав време да анализирам и да донесам одлука. Решив дека е време да го сменам капитенот. Одлуките од ваков вид никогаш не се лесни. Сепак, убеден сум дека на националниот тим му беше потребно тоа. Доброто на тимот е најважно за мене. Разговарав со Роберт по телефон. Му кажав за мојата одлука. Роберт одговори дека лентата не значи ништо и нема да промени ништо. Можеби од негова гледна точка изгледа така, но од моја многу ќе промени. Подоцна повторно се сретнав со Пјотр Зелински и му кажав дека тој ќе биде капитен и дека Роберт веќе е свесен. Во 21.50 часот имавме состанок на играчите и стручниот штаб и ги информирав за ова. Потоа Пјотр се обрати до тимот и тие му честитаа. Немав телефон со мене. Кога се вратив во собата, видов дека Роберт ми се јавил. Го повикав во 21.59 часот и го прашав што се случило. Тој одговори дека би сакал да каже дека самиот се откажал од лентата и да ги презентира информациите на овој начин. Јас одговорив дека не се согласувам, бидејќи тоа е моја одлука. Подоцна од социјалните мрежи дознав дека Левандовски одбил да игра за репрезентацијата. Тој е извонреден играч, кого многу го ценам. Му посакувам среќа, за мене најважна е репрезентацијата, а не кој е нејзин селектор. Она што е важно е доброто на тимот. Сфаќам дека донесов многу тешка одлука во врска со извонреден играч кој постигна најголем успех. Сепак, фудбалскиот живот понекогаш бара да гледате од друг агол и да изберете што е најдобро за тимот“, раскажа селекторот.
Но, полските медиуми имаат поинаква верзија.
Избројале дека на прес-конференцијата, Пробиеж и Зјелински 15 пати спомнале „доброто на тимот“. Се шпекулира дека селекторот не ја донел сам одлуката, туку го убедиле членовите на советот на репрезентацијата во кој се Франковски, Беднарек, Кивиор и Зјелински. Од Полската федерација објавија соопштение во кое негираат такво нешто и тврдат дека селекторот сам ја донел одлуката.
Некои играчи пробале да го убедат Левандовски да ја смени одлуката, но меѓу нив не бил новиот капитен Зјелински. Факт е дека повеќемина од соиграчите се тие коишто му свртеле грб на Леви. Левандовски најавил дека нема да дојде на подготовки, а потоа изненадувачки се појавил во последен момент и тоа било преливање на чашата пред важниот меч со Финска вечерва.
Левандовски објасни дека многу е повреден од она што се случи.
„Не станува збор за одземање на мојата лента, туку за тоа како ми беше соопштено. Добив изненадувачки повик од селекторот со информацијата дека решил да ми ја одземе лентата. Воопшто не бев подготвен за тоа, во тој момент ги успивав децата. Разговорот траеше неколку минути. Немав време ниту да го известам семејството, ниту да разговарам со некого бидејќи неколку моменти подоцна веста се појави на веб-страницата на Федерацијата. Начинот на којшто ми беше соопштена е навистина изненадувачки за мене. Јас сум капитен една или две години. Ја носев лентата 11 години, а играм за репрезентацијата 17 години. Вакви работи треба да се решаваат поинаку. Навистина не ми е гајле за капитенската лента. Верувам во Пјотр Зјелински и стискам палци за него“, вели голгетерот.