Златан со проколнатиот број ќе игра за Милан

Златан Ибрахимовиќ конечно се согласи на нов едногодишен договор со Милан, според кој во новата сезона ќе заработи седум милиони евра.

По долги преговори Швеѓанецот го доби тоа што го посакуваше и повторно ќе биде главното оружје на Росонерите и тренерот Пиоли. Во меѓувреме, Златан се решил да го смени бројот. Во првиот мандат на „Сан Сиро“ носеше 11-ка на дресот, минатата сезона играше со бројот 21 на грбот, додека сега ја презема одговорноста да го носи бројот 9.

Тој број е „проколнат“ во Милан откако со успех последно го носеше Филипо Инѕаги. По него, напаѓачи како Фернандо Торес, Гонзало Игуаин, Алесандре Пато, Кжиштоф Пјонтек, не успеаја да ја издржат тежината на легендарната „9-ка“.

„Сега кога Ибрахимовиќ го зеде бројот, клетвата повеќе не постои“, во шега посочи Пипо Инѕаги.

На 38 години, Ибрахимовиќ постигна 11 погодоци во 20 меча во вториот дел од минатата сезона и покажа дека уште не е за старо железо.

- Оглас -

Најнови вести