Златан Ибрахимовиќ вечерва става крај на блескавата играчка кариера!

Еден од најдобрите напаѓачи во поновата фудбалска историја, Златан Ибрахимовиќ, вечерва и официјално ќе се прости од активното играње.

На најголемиот стадион во Шведска ќе гостува Србија во пријателски меч, а Ибра последен пат ќе се појави на терен. Околу 50.000 среќници ќе имаат можност да му оддадат почит на великанот кој ја одбележа фудбалската игра во последните две децении и остави трајно наследство.

„Секое патување има свој крај, а на 8 јуни мојата авантура во фудбалот завршува“, беа зборовите со кои Златан го најави спектаклот што се подготвува.

Швеѓанецот ќе остане запаметен како еден од најдолговечните и најдобри напаѓачи во историјата на фудбалот – харизматичен, шармантен, вечен бунтовник, фудбалски бандит, егоцентричен, неповторлив спортски романтичар и генијалец кој никого не остави рамнодушен.

За националниот тим, Златан одигра 122 меча, постигна 62 гола. Дебито го имаше на 31 јануари 2001 година во пријателскиот натпревар против Фарски Острови кој заврши 0-0 и го гледаа само 2.204 гледачи, а својот прв гол го чекаше до 7 октомври истата година кога постигна гол против Азербејџан во квалификациите за Светското првенство.

Златан досега само еднаш играл против Србија и тоа на пријателски натпревар во 2012 година кога Шведска победи со 2-1, а Ибрахимовиќ имаше гол и асистенција.

- Оглас -

Најнови вести