Златната топка 2018 – Koj ќе ја прекине доминацијата на Меси и Роналдо?

Вечерва во Париз (21 часот) ќе се одржи церемонијата за доделување на Златната топка за 2018 година. По една деценија владеење, Меси и Роналдо нема да бидат во потесниот избор, на нивно место се Лука Модриќ, Рафаел Варан, Килијан Мбапе, додека според најавите на одредени влијателни медиуми, се тврди дека и Антоан Гриезман конкурира за едно од трите места.

Во последниве 10 години, Кристијано Роналдо и Лионел Меси ги менуваа местата, двајцата имаат по рекордни пет награди. Последен фудбалер кој ја освои Златната топка пред Аргентинецот и Португалецот беше Рикардо Кака во 2007 година, како член на Милан.

Во изминатиов период се појавија неколку информации дека се избројани поголемиот дел од гласовите, а според нив, Модриќ има најмногу и најверојатно тој ќе ја добие најпрестижната фудбалска награда. Хрватот со тоа ќе додаде уште едно одличје на претходно добиените „FIFA The Best“ и „UEFA Player od the Year“ награди, кои ги собра годинава, исто како и наградата за најдобар играч на Мундијалот кој се одржа во Русија летово.

Од годинава ќе се доделува и Златна топка за жени, а за премиерната награда конкурираат 15 фудбалерки, меѓу кои е и бразилската ѕвезда Марта. Исто така, за првпат ќе се доделува награда на фудбалери помлади од 21 години, наградата се вика „The Kopa trophy“.

Доделувањето на Златната топка е во организација на „Франс фудбал“, а добитникот е изгласан од страна на 180 фудбалски новинари од светот. За Златната топка во женска конкуренција и за играч до 21 години гласаат 45 новинари.

 

- Оглас -

Најнови вести