Златниот медал од олимписките игри во Берлин во 1936 година освоен од легендарниот Џеси Овенс ќе се продава на аукција, а почетната сума е 1,6 милиони фунти. Аукцијата ќе се оддржи во Њу Џерси следниот месец. Американскиот спринтер почина во 1980 година на 66-годишна возраст, а ќе биде запаметен по четирите златни медали на Игрите во Берлин и тоа пред очите на Адолф Хитлер, во срцето на нацизмот, со што го разби митот за доминацијата на аријската раса.
Овенс имаше само 22 години за време на Игрите и освои четири златни медали и тоа на 100 метри, на 200 метри, во скок во далечина и во штафетата 4 пати по 100 метри. Медалот кој ќе оди на аукцијата не се знае од која дисциплина е бидејќи на медалите нема гравирано за која дисциплина е.
Ова е втор златен медал на Овенс кој оди на аукција. Во 2013 година неговото злато на ЛОИ 1936 година беше продадено за 1,1 милиони фунти. Останатите два златни медали кои ги освои Овенс не се знае каде се и во чија сопственост се сега.