Јан Облак, голманот на Атлетико Мадрид и напаѓачот на Аталанта, Јосип Иличиќ се главните ѕвезди на репрезентацијата на Словенија што че ни гостува на 1. јуни во Скопје на претпоследниот тест натпревар за Македонија пред настапот на Европското првенство.
Селекторот Матјаж Кек објави список од 25 репрезентативци што ќе допатуваат во Скопје и ќе играат против Македонија на 1.јуни од 18 часот на нациналната арена „Тодор Проески“.
Словенците ќе имаат задача да ни бидат спаринг партнер и да ги „глумат“ Австријците, кои ни се прв ривал на ЕП на 13. јуни во Букурешт.
Со Словенија имаме одлични спомени, против нив во Крањ во октомври 1993 го одигравме првиот меч како самостојна држава и победивме со 4:1, а бевме подобри и во последниот квалификациски циклус за настап на ЕП.
Пред две години одигравме 1:1 на гости, а потоа го победивме ривалот со 2:1 во Скопје. Имаме одиграно уште неколку пријателски натпревари, а и овој на 1. јуни ќе биде од ист карактер.
Македонија потоа ќе одигра уште еден тест меч против Казахстан на 4. јуни, исто така во Скопје, па четири дена потоа ќе патува во Букурешт, каде ќе ни биде и базата за ЕП.