Барселона синоќа влезе во негативната историја на Лигата на шампионите како прв тим кој имал пет победи во првите пет кола од групната фаза во ЛШ, а не го освоил првото место во својата група. Така Каталонците наместо да имаат малку полесен ривал во осминафиналето, ќе треба да се помачат за да стигнат до четвртфиналето.
Барса во сезоната 2006/07 за последен пат беше втора во групата и потоа во нокаут-фазата испадна од Челзи во осминафинале. Барса никогаш не стигнала ни до полуфинале во сезоните во кои била втора во својата група.
Каталонците не се навикнати да губат дома, особено не во групната фаза. Имаа серија од 33 домашни мечеви без пораз, а синоќешниот пораз им е прв на свој терен по пауза од 11 години. Пред Јуве, последен гостински тим кој се радуваше на „Камп ноу“ во меч од групите беше Рубин Казањ во октомври 2009 година.
Синоќа Барселона за првпат виде како е да се досудат два пенали против нив на еден ист меч од елитното европско натпреварување.
Тренерот Роналд Куман изјави дека за поразот од Јуве клучен бил лошиот пристап на почетокот и неговиот тим во првите половина час како да не постоел на терен, немало агресивност, играле како да сакаат да загубат, за разлика од гостите, кои покажале решителност. Куман додаде и дека првиот пенал за Италијанците, според него, не требало да се суди.