Зошто 30 септември е историски ден за тенисот? Федерер првпат победи

Роџер Федерер е името кое го знаат сите што малку се разбираат во спортот. Швајцарецот е рекордер по бројот на освоени гренд слем титули, тенисер кој уште блеска иако веќе има 38 години. Во повеќе од дведецениската кариера има освоено огромен број титули, но денот кој засекогаш ќе го памти Федерер е 30 септември 1998 година. Тоа е денот кога Швајцарецот се израдува на првата победа во профи тенисот.

Во таа 1998 година, Федерер покажа дека е голем талент откако триумфираше на јуниорскиот турнир на Вимблдон, а потоа стигна и во финалето на Отвореното првенство на САД (загуби од Давид Налбандијан). По едно такво успешно лето, време беше да се оди чекор напред.

Федерер ги помина квалификациите за АТП-турнирот во Тулуз, а потоа следуваше меч од првото коло против Гијом Рау од Франција. Во тој момент Рау беше на 45-тото место на АТП-листата, а Федерер започна како 878-рангиран на АТП! Иако беше повеќе од 800 позиции послабо рангиран, Федерер блесна и славеше со 6:2, 6:2, што беше најава за блескава кариера.

Од таа победа досега Федерер победи на 1 229 од 1 496 меча во професионалната кариера. Само Џими Конорс има повеќе победи од Федерер во историјата на тенисот. Конорс има 1 274 победи во 1 556 меча, бројки што се достижни за Швајцарецот доколку реши да игра барем уште една година.

 

- Оглас -

Најнови вести