Италијанскиот првак Јувентус уште два дена ќе стравува и ќе ја чека одлуката дали Кристијано Роналдо ќе добие суспензија и нема да игра на дуелите против Ајакс во четвртфиналето од Лигата на шампионите или Португалецот ќе помине само со парична казна.
Против најдобриот играч на Јувентус е покрената истрага поради начинот на којшто го прослави третиот погодок против Атлетико Мадрид на дуелот во Торино. Роналдо на тој меч даде хет-трик, а токму со тие три погодоци Јувентус успеа да ја стигне негативата од 2-0 против Атлетико и италијанскиот првак се пласираше во следната фаза од елитното натпреварување.
По постигнување на третиот гол, Роналдо реши да го имитира Диего Симеоне во прославата. Тренерот на Атлетико на првиот меч непристојно се израдува, а Кристијано во реваншот не му остана должен и го копираше. Симеоне поради својот гест беше парично казнет со 20.000 евра, но за Роналдо се најавува суспензија од два меча поради тоа што имитирал нешто што е непристојно.
Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, беше многу незадоволен кога слушна дека има постапка против Роналдо.
„Роналдо славеше и ја покажа својата сила. Тоа славје не беше упатено кон противникот. Славеше со нас, со 40.000 навивачи кои беа на стадионот. Ако него го суспендираат, тогаш треба да ги суспендираат сите 40.000 луѓе кои се радуваа“, рече Алегри.
Одлуката за тоа која ќе биде казната за Роналдо ќе биде донесена на 21 март (в четврток).