Александер Зверев ќе игра против Данил Медведев во полуфиналето на Отвореното првенство на Австралија. Зверев го одигра еден од најдобрите мечеви и со 3:1 во сетови го елиминира Карлос Алкарас. Возбудувањата траеја повеќе од три часа, а на крајот Зверев се радуваше на триумф.
Шпанецот Алкарас беше фаворит пред мечот, но на теренот доминираше Зверев. Уште во првиот сет Германецот покажа доминација и за помалку од 30 минути стигна до 6:1. Во вториот сет беше израмнето до 3:3 во гемови, а потоа Зверев направи два брејка, плус беше сигурен на свој сервис, па го доби и вториот сет, овојпат со 6:3.
👀⚡️ pic.twitter.com/9X3dgz4BDa
— #AusOpen (@AustralianOpen) January 24, 2024
Во третиот сет Зверев поведе со 4:1, имаше и 5:2 и делуваше дека експресно ќе го заврши мечот, но потоа се „разбуди“ Алкарас. На 5:3 за Зверев, Германецот сервираше за добивање на мечот, но тогаш Алкарас го направи првиот брејк и намали на 5:4, а потоа стигна и до 6:6. Во тајбрејкот, Алкарас беше подобар со 7:2.
Четвртиот сет започна со по еден брејк на двете страни. Беше 4:4, а потоа Зверев направи брејк, стигна до 5:4 и по вторпат имаше сервис за победа и овојпат не го пропушти за добивање на сетот со 6:4 и пласман во полуфиналето.