Ѕвезда ја реши Игокеа и закажа репризна финална серија против Будуќност во АБА-лигата

Црвена ѕвезда како актуелен јадрански првак (ланската сезона не се доигра) ќе ја брани титулата во АБА-лигата во финалната серија против Будуќност, откако вечерва ја реши Игокеа во мајсторката која се одигра во Белград со сигурни 76:53.

Тимот на Дејан Радоњиќ речиси да немаше проблеми на свое тло да го осигури пласманот во финалето, иако гостите од Лакташи покажаа знаци на живот при влезот во второто полувреме. Ѕвезда го ограничи противникот само на 12 поени во првата четвртина, по што изгради двоцифрена предност и ја чуваше до паузата.

Игокеа со серијата од 9-0 намали само на два коша разлика, а потоа Црвено-белите со фуриозна серија од 19-2 во решавачките 10 минути се погрижи да нема драма во финишот, односно да нема дилеми кој ќе влезе во големото финале.

Давидовац како играч на натпреварот заврши со 22 поени и 8 скока, Клемонс на другата страна се трудеше да ја држи Игокеа во игра, но малку беа 15 поени.

 

- Оглас -

Најнови вести