Црвена ѕвезда го доби вечното дерби против Партизан со минимални 1-0 за 18-та лигашка победа во низа, со која воедно ја прекинаа страшната серија на Црно-белите од исто така 18 победи по ред во српското првенство.
Ѕвезда првпат од април 2019 година славеше против вечниот ривал на домашен терен во лигашко дерби, а разликата во резултатот ја направи Мирко Иваниќ со голот со глава во 58-мата минута.
Како и секој дуел на лутите соседи, така и во ова имаше драма и покажување мускули. Мешаницата меѓу фудбалерите на теренот во 75-тата минута дополнително ја загреа атмосферата, по што гостите имаа неколку неуспешни обиди во финишот да избегнат разочарување.
Актуелниот српски шампион сигурно чекори кон одбрана на титулата, со оглед на тоа дека по оваа победа, Ѕвезда на врвот на табелата има 86 бода, дури 12 повеќе од Партизан.