Нов голем скандал е на повидок во Премиер лигата откако таблоидот „Сан“ објави дека еден фудбалер бил уапсен поради обвиненија за три силувања.
Полицијата засега не го објавува неговото име, но англиските медиуми тврдат дека фудбалерот настапил на Светското првенство што минатата година се одржа во Катар.
Фудбалерот е обвинет за три силувања, кои ги направил во април 2021 година и во јуни 2022 година, а третата девојка на полицијата ѝ рекла дека била силувана во Хартфордшир, во февруари минатата година.
„Сан“ пишува дека фудбалерот со часови бил испитуван од полицијата, а неговиот клуб не го суспендирал додека трае истрагата и тој нормално тренирал и играл натпревари.
„На 4 јули 2022 година во полиција е пријавено дека била силувана девојка која имала 20-тина години. Пријавено е дека наводното силување се случило во јуни истата година. На 4 јули бил уапсен маж поради обвинение за силување. Додека бил во притвор, дополнително е обвинет поради сомнежи дека сторил уште две силувања, кои се случиле во април и јуни 2021 година. Во февруари годинава, лицето е испрашано поради сексуален престап кој наводно се случил во Барнет во февруари 2022 година. Тоа обвинение се однесува на третата жртва. Нема да има дополнителна истрага за наводното силување што се случило во јуни 2021 година“, соошти Скотланд Јард.