Ѕвездата на Баерн Минхен истовремено игра фудбал и служи воен рок во Јужна Кореја

Фудбалерот на Баерн Минхен, Ким Мин-jае, моментно го отслужува вториот дел од воениот рок паралелно со обврските што ги има во најдобриот германски клуб и со репрезентацијата на Јужна Кореја.

Оваа приказна звучи неверојатно, но е вистинита, а во поткастот „Баерн Инсајдер“ објаснија како функционира процесот.

Ким Мин-Јае може онлајн да ја извршува воената служба на Јужна Кореја бидејќи веќе ја завршил поголемиот дел од скратената обврска, која за врвни спортисти трае само 450 часа наместо 18 месеци, и тоа пред да премине од Наполи во Баерн Минхен летото 2023 година.

Во тоа време тој помина три седмици воена обука во Јужна Кореја и за тоа време ја отслужи истата програма како и останатите војници, вклучувајќи и ноќни стражи.

По основната обука, Ким треба да отслужи само уште 100 часа, а на негова среќа и благодарение на посебен закон, тоа може да го направи на далечина, односно онлајн, и тоа во Минхен, преку видеоврска со деца и млади луѓе.

На предавањата на коишто разговара со младите од Јужна Кореја за важни вредности, како дисциплината која го довела до големи спортски успеси, мора да поминува еден до два часа неделно, што е апсолутна добивка за неговите следбеници бидејќи тој е спортски херој во својата родна земја.

„Основната обука беше многу тешка, потоа бев во многу лоша состојба некое време иако сум силно физички подготвен“, открил Ким Мин-jае порано.

Овој 27-годишен играч за Јужна Кореја одигра 67 натпревари и постигна четири гола, а во Баерн Минхен пристигна од Наполи откако претходно играл за Фенербахче, Гуан, Џонбук, Гвангжу и неколку други клубови во родната земја.

- Оглас -

Најнови вести