Американската боксерка Клареса Шилдс, која нема пораз во кариерата, верува дека би победила во борба со јутјуберот Џејк Пол, кој последниве години боксува, а неодамна го победи и некогашниот светски првак Мајк Тајсон во егзибициски дуел.
Шилдс, која има 29 години, освојуваше златни медали на Олимписките игри во 2012 и 2016 година во полутешка категорија, а потоа стана професионалка и има 15 победи на 15 меча.
„Би го победила Џејк Пол во бокс меч со ракавици и без заштита на главата. Тој е голем маж, но јас сум голема жена. Најголемиот и најсилниот човек не ги добива сите борби. Јас со бокс се занимавам 18 години, имам вештини кои тој ги нема. Тој може да ме удри и да ме скрши, но јас исто толку добро можам да го удрам и да го скршам. Има одредени работи што можам да ги направам кои тој сè уште не ги знае“, рече Шилдс.