Андре Онана, голманот на Ајакс, потврди дека има намера да си замине од клубот од Амстердам во летниот преоден рок. Веќе неколку месеци се шпекулираше дека Онана ќе го напушти Ајакс, а по одлуката првенството во Холандија да биде прекинато, веќе на големо се шпекулира за тоа каде ќе продолжи кариерата на голманот.
„Немојте погрешно да ме разберете, јас сум многу среќен во Ајакс и многу сум благодарен на клубот. Тука поминав пет одлични сезони, но време е да одам чекор напред. Уште минатата година се договоривме за тоа со челниците на клубот. Засега немам одлучено каде ќе продолжам, но јасно е дека треба да си заминам“, вели Онана.
Како голман на Ајакс, тој се радуваше на титула во првенството, Суперкупот на Холандија, а играше и во финалето на Лигата на Европа и во полуфиналето во Лигата на шампионите. Сезонава на 24 меча во првенството, Онана на осум средби успеа да ја сочува својата мрежа незатресена.
Онана е дел од камерунската академија на Самуел Ето. Беше дел и од школата на Барселона, но никогаш не заигра за првиот тим на Каталонците. Сега Барселона е еден од клубовите кои би сакале да го доведат Онана, но заинтересирани се и клубовите на Челзи и Пари Сен Жермен.