10.8 C
Skopje
среда, 8 октомври 2025

Ѕвездите на Њукасл преживеале драма на летот за Јужна Кореја, по 12 часа слетале во Амстердам

Двајцата фудбалери на Њукасл, Жоелинтон и Бруно Гимараеш, доживеале вистинска драма во обидот да се приклучат на собирот на репрезентацијата на Бразил во Јужна Кореја.

Таму селекцијата, која од клупата ја предводи Карло Анчелоти, треба во петок да одигра пријателски натпревар против домашната селекција на Јужна Кореја, но долгото патување тргнало наопаку за ѕвездите на Њукасл.

Имено, на авионот со кој патувале Жоелинтон и Бруно Гимараеш се скршило стакло, поради што летот за Јужна Кореја бил откажан, а авионот бил принуден да направи полукружен зафат и да се врати назад во Амстердам, од каде што и полетал.

По 12 часа поминати во воздух, двајцата повторно слетале во холандската престолнина, а на крајот ќе мора со одделни летови да им се приклучат на своите соиграчи во Сеул.

Се поставува и прашањето дали воопшто ќе можат да настапат на натпреварот, со оглед на тоа низ што поминале во последните часови.

По дуелот со Јужна Кореја, репрезентацијата на Бразил ја очекува нов лет, овојпат за Токио, каде што следниот вторник ќе одигра пријателски натпревар против Јапонија.

Откако ќе ги завршат репрезентативните обврски, двајцата ќе мора повторно да патуваат долго назад на Островот бидејќи ќе летаат околу 9.300 километри до североистокот на Англија, каде што на 18 октомври ги очекува натпревар од Премиер лигата против Брајтон.

- Оглас -

Најнови вести